Ekipa
27 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
ХОМС (АА) - Втор конвој со цивили го напушти денес квартот Ал-Ваер, во центарот на покраината Хомс, кој е под опсада на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерот на АА јавува дека автобусите на Сириската полумесечина тргнале од Ал-Ваер кон градот Ал Баб, во северниот дел на покраината Алепо, а во конвојот се наоѓале 1.800 лица, односно 350 семејства.
За евакуација на 40 болни и ранети, Сириската полумесечина обезбеди и амбулантски возила.
„Бог нека нема милост кон режимот, кој нѐ принуди да ги напуштиме своите домови“, изјави еден од евакуираните цивили, Јусуф Шериф.
Во првиот конвој минатата недела, од Ал Ваер во Џарабулус, во североисточниот дел на Алепо се евакуирани речиси 2.000 лица, меѓу кои и 400 вооружени бунтовници и речиси 1.600 цивили.
Откако со посредство на Русија, на 13 март беше постигнат договор за повлекување на силите на сириската опозиција од Ал-Ваер, речиси 22.000 жители од тоа место поднесоа барање за евакуација. Силите на сирискиот режим прифатија 15.000 барања. Планот е во секоја наредна недела да се евакуираат по 2.000 лица.