Mohammad Sıo
08 Ноември 2025•Ажурирај: 09 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Министерството за здравство на Газа денес соопшти дека ги примило останките на 15 Палестинци ослободени од Израел преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст според договорот за прекин на огнот, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се вели дека со најновиот трансфер бројот на палестински тела вратени од Израел изнесува 300 откако прекинот на огнот стапи на сила на 10 октомври.
Форензичките тимови досега идентификувале 89 тела и продолжуваат со идентификацијата „во согласност со одобрените медицински процедури и протоколи“ пред останките да бидат предадени на семејствата, соопшти Министерството.
Палестинските власти истакнаа дека многу од телата предадени од Израел имаат траги на злоупотреба, физичко малтретирање, врзување раце, превези на очите и деформации на лицето, и биле вратени без имиња.
Семејствата се обидуваат да ги идентификуваат останките на своите блиски преку физички белези или облеката, бидејќи форензичките установи во Газа се надвор од функција поради долгогодишната израелска блокада и уништувањето на лабораториите.
Пред прекинот на огнот, Израел држеше 735 палестински тела во таканаречените „гробишта со броеви“, според Палестинската национална кампања за враќање на телата.
Според израелскиот дневен весник „Хаарец“, армијата држи околу 1.500 тела на Палестинци од Газа во озлогласената воена база „Сде Теиман“ во јужен Израел.
Израел уби над 69.000 Палестинци, претежно жени и деца, повредени се над 170.600, а околу 9.500 се исчезнати - од кои се верува дека многумина се заробени под уништените домови или сè уште се водат како исчезнати во нападите во Газа од октомври 2023 година.