Aida Cako
24 Април 2025•Ажурирај: 25 Април 2025
СКОПЈЕ (АА) - Израелската Армија денес изврши напад врз дом на палестинско семејство во Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Во воздушниот напад зградата е целосно уништена, додека околните домови претрпеа сериозни оштетувања.
Екипите на цивилната одбрана спроведоа операции за пребарување и спасување под урнатините во обид да пронајдат преживеани.
Според медицински извори и локалните медиуми, најмалку 30 Палестинци се убиени во низа нови напади низ веќе разурнатиот Појас Газа.
Израелската Армија ја обнови својата офанзива врз Газа на 18 март, и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што беше на сила од јануари.
Од октомври 2023 година досега, во израелските напади се убиени речиси 51.400 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.