Ayhan Şimşek
20 Јануари 2023•Ажурирај: 22 Јануари 2023
БЕРЛИН (АА) - Германија и нејзините сојузници разговараа за испраќање на тенкови „Леопард“ во Украина, но за време на состанокот во „Рамштајн“ не беше донесена одлука, изјави денеска германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не можеме денеска да кажеме кога ќе биде донесена одлука за тенковите „Леопард“ и каква ќе биде одлуката“, изјави Писториус за новинарите по состанокот на Контакт групата за Украина во Воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија.
Писториус истакна дека поради можните реперкусии од таквиот смел потег, сојузниците треба внимателно да ги анализираат придобивките и ризиците од него во наредните денови, пред да донесат конечна одлука за тоа прашање.
Тој ги отфрли медиумските критики дека Германија ги блокира испораките на тенковите „Леопард“ во време кога тие ѝ се итно потребни на Украина.
„Ние навистина не се двоумиме, само се обидуваме внимателно да ги балансираме сите добри и лоши страни“, рече министерот, додавајќи дека Германија не е сама во тоа, туку дека загриженоста на Берлин ја споделуваат и другите во групата.
Писториус за новинарите рече дека утринава му наложил на Министерството да спроведе инспекција на тенковите „Леопард“ од резервите на Армијата и одбранбената индустрија за да бидат подготвени за потенцијална одлука на сојузниците во иднина.
Околу 50 министри за одбрана и високи претставници присуствуваа на состанокот на Контакт групата за Украина во Воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија, меѓу кои и украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар.