Michael Gabriel Hernandez
21 Јануари 2023•Ажурирај: 23 Јануари 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) планираат да ја прогласат групата „Вагнер“, руската приватна воена корпорација, за меѓународна криминална организација и да воведат дополнителни санкции за таа компанија поврзана со Кремљ, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Покрај одлуката на Министерството за финансии да ја означи 'Вагнер' за 'транснационална криминална организација', администрацијата на Џо Бајден следната недела ќе воведе економски санкции за организацијата и нејзината мрежа на поддршка“, изјави за новинарите вчера портпаролот за Советот за национална безбедност Џон Кирби.
„Овие акции ја препознаваат трансконтиненталната закана што ја претставува Вагнер, вклучувајќи го и континуираниот образец на сериозни криминални активности“, рече Кирби.
„Нашата порака до секоја компанија која размислува за пружање поддршка на групата Вагнер е едноставно следна: Вагнер е криминална организација која врши широко распространети злосторства и кршење на човековите права“, додаде тој.
Според американските проценки, групата Вагнер има околу 50.000 припадници распоредени во Украина за поддршка на воените напори на Русија во таа држава.
Руската воена корпорација имаше клучна улога во неодамнешните успеси на Русија во Донбас, а е вклучена и во други конфликти низ светот, како Либија, Централноафриканската Република и Мали.
Евгениј Пригожин, водачот на групата, во четвртокот изјави дека неговите платеници „целосно ја презеле контролата“ врз Клешчејевка, клучното предградие на градот Бахмут преку кое украинските војници се снабдуваат со оружје и воена опрема.
Пригожин рече дека околу Клешчејевка продолжиле жестоките борби.