Cüneyt Karadağ
15 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, рече дека Германија јасно ја гледа одговорноста на Русија за ескалација на тензиите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Баербок во изјавата дадена пред заминувањето во шпанската престолнина Мадрид истакна дека треба да се оцени секоја можност за мирно решавање на кризата.
„Ние, Европската Унија (ЕУ) и НАТО стоиме зад Украина и нема сомнеж дека јасно ја гледаме одговорноста на Русија за ескалацијата на тензиите. Повлекувањето на војниците и обезбедувањето на целосна транспарентност зависи од Владата во Москва“, нагласи Баербок.
Наведувајќи дека судбината на целата земја и нејзиното население е во опасност поради распоредувањето на руските војници на украинската граница, Баербок рече: „Ситуацијата е исклучително опасна и може да ескалира во секој момент. Ние во Европа знаеме многу добро колку брзо такво нешто може да се случи.“
Таа истакна дека европскиот мировен поредок, на кој се засноваат економските можности и просперитетот, како и достигнувањата и основните слободи, е изграден со децениска напорна работа. „Ние континуирано го развиваме. Тоа никогаш не треба да се изгуби или заборави. Во оваа исклучително опасна криза на континентот за нас уште поважно е да покажеме дека сите ние стоиме зад неа со сета доследност и решителност, како на север, така и на југ, на исток и на запад“, порача министерката Баербок.