Ekip
03 Јуни 2022•Ажурирај: 05 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Парламентот на Германија денеска одобрува специјален фонд од 100 милијарди евра за модернизација на Вооружените сили на земјата во услови на критики од антивоени групи и мировни активисти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според планот на Владата, поголемиот дел од фондот ќе биде наменет за воздухопловните сили и ќе се користи за нови инвестиции и набавки, вклучително и за борбени стелт-авиони Ф-35 од американско потекло, хеликоптери за транспорт „Чинук“ и израелски дронови „Херон“.
Поранешниот началник на Генералштабот на Германските вооружени сили, пензионираниот генерал Харалд Кујат, за Агенција Анадолија изјави дека огромните трошоци за одбрана итно се потребни поради големите промени во безбедносната средина.
„Тоа е апсолутно точно“, рече тој, нагласувајќи дека според Уставот, Вооружените сили (Bundeswehr) мора да бидат во позиција да ја бранат земјата и НАТО.
„Никој не може тоа да го гледа како закана, и Русија нема да го гледа тоа како закана. Особено ако се земе предвид ситуацијата со која се соочуваме во моментот“, рече тој.
Кујат истакна дека повеќе од една деценија, Бундесвер главно е фокусиран на распоредувањата во странство како дел од меѓународните мисии, додека воените капацитети за националната и одбраната на сојузот биле запоставени поради отсуството на каква било голема закана во Европа.
„Исклучително е важно копнените сили да бидат заштитени од воздушни напади. За ова, потребен е армиски систем за воздушна одбрана. Но ова е целосно укинато. Воздухопловните сили на морнарицата се укинати, а исто така и многу други работи“, рече тој.
Кујат, кој беше началник на Генералштабот на Бундесвер помеѓу 2000 до 2002 година, рече дека со новиот план на Владата, војската ќе биде во можност да ги врати националните и сојузничките одбранбени капацитети.
„Тоа во основа не е сигнал за Русија или за други држави, туку е сигнал за нашите сојузници, имено дека повторно сериозно го разбираме споделувањето на товарот и солидарноста како два потпорни столба на Алијансата“, рече тој.
Леволибералната коалициска Влада на канцеларот Олаф Шолц одлучи да ги зголеми трошоците за одбрана во февруари откако Русија ја започна војната против Украина и постигна договор оваа недела со главниот опозициски блок ЦДУ/ЦСУ за неопходните уставни и законски амандмани.
Но планот на Владата беше силно критикуван од антивоените групи и мировните активисти и некои експерти предупредија дека чекорот дополнително би можел да ја испровоцира Русија, создавајќи дополнителни безбедносни ризици во регионот.
Албрехт Милер, истакнат социјалдемократски политичар, близок соработник на поранешните канцелари Вили Брант и Хелмут Шмит, рече дека актуелната Влада дејствува без каква било сериозна стратегија.
„Тоа е сѐ, само не е мудра политика“, рече тој во интервју за Агенција Анадолија.
„Ова е пропаганден удар. Удар за да се прикаже германската Влада како моќна и силна. Но, нема никаква врска со добро размислување или добра стратегија“, рече тој.
Милер истакна дека специјалниот фонд од 100 милијарди евра е огромна сума, двапати поголема од буџетот на германското Министерство за одбрана во 2021 година.
„Дополнителните 100 милијарди евра ќе ги зголемат цените. Одбранбената индустрија ќе бара повеќе бидејќи има многу пари“, рече тој, додавајќи дека американските производители на оружје и одбранбените компании од други земји ќе бидат помеѓу најголемите бенифициенти на овој план.
Тој, исто така, предупреди дека потегот може да предизвика повеќе тензии со Русија и да доведе до нова трка на оружје помеѓу светските сили.
„Тоа е срамота. Ова е навистина враќање на глупоста од 1950-тите години и сигурно една зрела нација не може да си го дозволи тоа“, рече тој.
Милер истакна дека Германија треба да се фокусира на дипломатијата и добрососедските односи наместо да ги зголемува трошоците за одбраната.
„Нашата безбедност многу зависи од добриот однос со соседите“, додаде тој.