Oliver Towfigh Nia
16 Февруари 2026•Ажурирај: 17 Февруари 2026
БЕРЛИН (АА) – Германската Социјалдемократска ковладејачка партија повика на воведување забрана за социјалните медиуми за деца под 14 години, јавува Анадолу.
Ковладејачката партија предлага задолжителна верификација на возраста со помош на апликацијата „ЕУДИ Валет“, според бизнис-весникот Ханделслат.
Според политички документ на централно левичарската партија, суштината на предлогот е регулатива поделена според три возрасни групи.
Даден е предлог за целосна забрана за пристап до социјални медиуми за деца под 14 години, при што давателот на услугите е обврзан технички да спречи пристап.
Прекршувањата предизвикани од медиумските платформи ќе мора да имаат брзи и забележливи последици: „Од итни наредби и строги санкции до привремени ограничувања или мрежни блокади како последно средство“.
За оние под 16 години, сепак, треба да важи задолжителна „младинска верзија на платформите“. Оваа верзија нема да има функции што поттикнуваат зависност, како бескрајно скролање, автоматско репродуцирање на содржини или системи за наградување за интензивна или континуирана употреба.
Младинската верзија не смее да содржи канали контролирани од алгоритми, и повеќе не смее да прикажува персонализирана содржина.
Според политичкиот документ, младите лица под 16 години треба да имаат пристап до Инстаграм и други социјални мрежи, но само преку апликацијата „ЕУДИ Валет“ на нивните родители или старатели. Апликацијата „ЕУДИ Валет“ (европски дигитален паричник за лични податоци) е еден вид дигитален паричник во кој, на пример, се чуваат личните карти и возачките дозволи на родителите или старателите.
За сите граѓани на возраст од 16 години и повеќе, вклучувајќи и возрасни лица, препораките со помош на систем-алгоритми, во иднина, треба исто така, однапред да бидат деактивирани.
Ако корисниците сакаат да добиваат предлози за содржини од алгоритмите, тие ќе мора свесно и активно да се согласат. Според предлогот, оваа возрасна група исто така ќе треба да ја потврди својата идентификација користејќи ја апликацијата „ЕУДИ Валет“ пред да ја користи услугата.
Лидерот на Социјалдемократската партија го разгледува ставот што ќе го заземе во поглед на слободата за користење на интернетот.
Претседателот и вицеканцелар, Ларс Клингбејл, изјави за Германската прес-агенција (ДПА) дека е во фаза на разгледување на ставот што ќе го заземе во поглед на слободата за користење на интернетот.
„Пред неколку години, сите ние го истакнувавме правото на слобода на интернетот и велевме дека не треба да има никакви ограничувања. Но сега гледаме во дебатите дека нешто се случува во општеството, дека младите доаѓаат кај мене и велат дека ни се потребни јасни правила за тоа како да се справиме со социјалните мрежи“, изјави Ларс Клингбејл.
„Рестрикции во поглед на начинот на кој ги користиме социјалните мрежи и интернетот во целост, се неопходни, и мора да донесеме одлуки за тоа веднаш.”