Ayhan Mehmet
21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
АТИНА (АА) - Центарот за социјална солидарност на Грција соопшти дека бројката на децата бегалци без придружници низ Грција достигна 4.962 лица, додека три четвртини од овие деца животот го продолжуваат во кампови со несоодветни услови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Грчките медиуми велат дека состојбата на децата бегалци без придружници постојано се влошува.
Апостолос Веизис, лекар кој работи како волонтер во Организацијата „Лекари без граници“, оваа состојба на грчките острови ја опиша како кривично дело, нагласувајќи дека секој ден се грижат за околу 100 деца.
Веизис рече дека повеќе од половина од децата се соочуваат со проблеми со нарушувања на респираторниот тракт и кожни заболувања предизвикани од несоодветните услови во камповите.
Од друга страна, Димитра Линардаки, адвокатката на грчката невладина организација „Арсис“, истакна дека 99 деца бегалци без придружници се задржани во затворениот бегалски камп „Амигдалеза“, и додаде: „Некои деца веќе 50 дена спијат на земја. Тоа е повеќе од понижување и нечовечка состојба.“
Меѓу другото, директорот на „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) за Грција, Гаврил Сакеларидис, рече дека во земјата се наоѓаат 1.200 деца бегалци без придружници кои се водат како исчезнати.