Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
31 Декември 2021•Ажурирај: 03 Јануари 2022
ИДЛИБ
Двајца цивили ги загубија животите во воздушниот напад што го извршија руски воени авиони врз селото Кефердерјен во границите на сириската деескалациска зона во Идлиб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според опозициската опсерваторија за авиони, руски воени авиони полетале од базата „Химејмим“ во Латакија, во утринските часови.
Според информациите добиени од извори на Цивилната одбрана во Идлиб, двајца цивили загинаа во воздушен напад на фарма за кокошки во селото Кефердерјен на северот од градот.
Во текот на денот, руски воени авиони извршија шест воздушни напади врз местата Бара и Руј во Идлиб.
- Ситуацијата во Идлиб
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за формирање четири деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).
Но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година меѓу Русија и Турција.
На 5 март во Москва Турција и Русија договорија ново примирје во деескалациската зона на Идлиб. Иако режимските сили повремено го кршат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во нападите на Русија и силите на режимот во деескалациската зона во Идлиб, во периодот 2017 - 2020 година раселени се околу 2 милиони цивили кон местата во близина на границата со Турција.