Haydar Şahin
10 Април 2023•Ажурирај: 11 Април 2023
ТЕХЕРАН (АА) - Иран објави дека две одделни делегации ќе отпатуваат во Саудиска Арабија до крајот на неделата во рамките на подготовките за отворање на Амбасадата и Конзулатот, пренесува Анадолу.
Како што пренесува иранската новинска агенција ИРНА, Алиреза Енајати, генералниот директор на Одделот за Персискиот Залив при Министерството за надворешни работи, во соопштение објави дека се одржани прелиминарни консултации со Саудиска Арабија во врска со отворањето на иранската Амбасада и Конзулат.
Тој додаде дека иранската делегација моментално е во завршна фаза од своите активности во рамките на Министерството за надворешни работи.
„Сите административни работи се завршени. Се очекува делегацијата да отпатува за Саудиска Арабија до крајот на неделата“, рече Енајати.
Напомена дека две одделни ирански делегации се задолжени да ги направат подготовките за повторно отворање на Амбасадата во Ријад и Конзулатот во Џеда.
Истакна и дека техничките делегации на двете држави треба да се сретнат за потпишаниот договор за воздушен транспорт меѓу двете страни да стане оперативен.
Иран и Саудиска Арабија на 6 април се договорија повторно да ги отворат амбасадите, да започнат летови меѓу двете држави и да го олеснат издавањето визи.
Шефот на иранската дипломатија, Хусеин Амир-Абдулахијан, се состана со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд, во четвртокот во Пекинг, Кина, за прв пат по повеќе од седум години.
Состанокот уследи откако Ријад и Техеран минатиот месец неочекувано најавија обнова на дипломатските односи, со посредство на Кина.
Во заедничката декларација објавена по првиот официјален состанок, наведено е дека двете држави се согласни за проширување на соработката на сите полиња.
Во декларацијата што ја потпишаа претставниците на двете држави, договорено е во рок од два месеца (до мај) да се извршат неопходните подготовки за повторно отворање на амбасадите во Техеран и Ријад, како и конзулатите во Машхад и Џеда.
Се додава дека освен меѓусебното олеснување за издавање визи за државјаните на двете земји, договорено е и продолжување на летовите и билатералните посети на официјални претставници и делегации од приватниот сектор.
Во декларацијата се укажува на природните ресурси и економските капацитети на Иран и Саудиска Арабија, и се нагласува дека двете држави се подготвени да ги отстранат сите пречки за проширување на меѓусебната соработка.
Двете држави се договорија и за интензивирање на соработката во сите области што можат да придонесат за безбедноста и стабилноста на регионот и интересите на народите и земјите од регионот.
Бин Ферхан и Абдулахијан разговараа и за сите можности кои ќе обезбедат доверба и благосостојба на двете земји и нивните народи.