Ekipa
23 Април 2019•Ажурирај: 24 Април 2019
КОЛОМБО
Терористичката организација ДЕАШ презеде одговорност за бомбашките напади на Велигден во Шри Ланка во кои загинаа 321 лице, но не понуди никакви докази, пренесува Anadolu Agency (AA).
Терористичката организација денеска го објави ова признание преку својата новинска агенција „Амак“ (Aamaq).
„Сторителите на нападите извршени вчера, во кои цел беа државјаните на земјите на коалицијата и христијаните во Шри Ланка се борците на ДЕАШ“, се вели во соопштението.
Со соопштението не е објавена ниту една фотографија или видеоснимка на напаѓачите кои ветуваат лојалност на ДЕАШ.
Терористичката организација ДЕАШ, која ја изгуби целата територија која некогаш ја контролираше во Ирак и Сирија, досега во неколку наврати преземаше одговорност без какви било докази.
Серијата страотни бомбашки напади во Шри Ланка се случија во неделата на католичкиот Велигден. Цел на бомбашките напади беа три цркви во градовите Кочикаде, Негомбо и Батикалоа, како и трите луксузни хотели „Кингсбери“, „Синамон гранд“ и „Шангри Ла“ во Коломбо. Уште две експлозии одекнаа на периферијата на Коломбо.
Руван Виџеварден, министерот за одбрана нa Шри Ланка, денеска попладне потврди дека бројот на загинати се зголемил на 321 лице.
Досега се уапсени најмалку 40 осомничени лица и сите се државјани на Шри Ланка.