Hacer Çakır,Çağrı Koşak
16 Февруари 2024•Ажурирај: 19 Февруари 2024
ГАЗА (АА)
- Нур ЕБУ
Семејството Етем, чија куќа е уништена за време на нападот на израелската армија врз Појасот Газа, се бори да преживее во камион во регионот Рафа, јавува Анадолу.
Десетчленото семејство Етем, кое поради израелските напади морало да мигрира од Џабалија на северот на Газа во Рафа на југ, не можело да купи шатор бидејќи бил скап.
Мајката Мерjем Етем рече дека морале да живеат во камион бидејќи не можеле да најдат сместување во Рафа.
Кога дошле во Рафа, прво отишле во центарот за азиланти, но не можеле да останат бидејќи бил преполн.
Taa рече дека не можеле да купат шатор бидејќи цените се искачиле и до 540 долари.
Приколката на камионот ја пронашле со помош на познајник.
За да се заштитат од студот, камионот го покриле со најлон и ткаенина.
Таа наведе дека импровизираното засолниште што го направиле во камионска приколка не било доволно да ги заштити од студот.
Оваа Палестинка изјави дека е тешко да се живее во мала приколка со деца што сакаат да си играат.
„Многу е тешко да се влезе и излезе од толку висок камион, особено за мали деца. Се плашам дека децата ќе паднат секогаш кога ќе влезат и ќе излезат од камионот“, вели Етем.
Во нападите врз Појасот Газа од страна на Израел, обвинет за геноцид, од 7 октомври досега загинаа 28.663 Палестинци, а 68.395 се повредени.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа се внатрешно раселени и се соочуваат со постојан недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.