АНКАРА (АА) - Неодамнешниот договор меѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел за нормализирање на меѓусебните односи нема значително да ја промени регионалната рамнотежа бидејќи претставува само формализација на де факто ситуацијата, тврди политички аналитичар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Со овој договор, ОАЕ преземаат чекор за официјализирање на своите отворени и тајни односи со Израел, изјави за АА Мухитин Атаман, директор за надворешно-политички студии во Фондацијата за политички, економски и општествени истражувања (SETA), турски аналитички центар.
„Не очекувам дека ОАЕ ќе постигнат многу со овој договор, бидејќи веќе долго време добиваат секаков вид поддршка од Соединетите Американски Држави (САД) и Израел“, рече Атаман.
Тој истакна дека од друга страна, договорот има големо значење за Израел бидејќи претставува официјално признавање на окупаторската земја од страна на трета арапска држава, по Египет и Јордан.
„Ова признавање ќе му овозможи на Израел да го консолидира својот легитимитет на меѓународната сцена“, рече тој.
Атаман нагласи дека охрабрени со овој потег и другите заливски земји, како Бахреин и Оман, можат да преземат слични чекори за официјализирање на нивните постоечки односи со Израел.
Минатата недела, Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија воспоставување на целосни дипломатски односи преку договорот склучен со посредство на САД, по кој Израел ќе ги одложи плановите за анексија на територијата што илегално ја окупира на Западниот Брег.
Палестинските групи го осудија договорот велејќи дека не е во корист на палестинската кауза и ги игнорира правата на Палестинците.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, во четвртокот новиот мировен договор на неговата земја го нарече „историски“.
Од земјите од Заливот, блискиот сојузник на Саудиска Арабија, Бахреин, е првата земја што им честиташе на ОАЕ за договорот. Оман исто така упати честититки до Абу Даби. Египет изрази задоволство од договорот.
Нетанјаху во петокот му се заблагодари на египетскиот претседател Абделфатах ал Сиси и на владите на Оман и Бахреин за нивната поддршка за нормализирањето на односите меѓу Абу Даби и Тел Авив.
Според Атаман, освен придобивките за израелската држава, актуелната власт и самиот Нетанјаху се оние кои имаат најголема корист од овој договор.
„Неодамна, Нетанјаху драстично го изгуби својот легитимитет и популарност во земја. Преку овој потег тој значително го зајакна своето место во израелската политика“, истакна Атаман.
Израелската Влада се соочува со протести против Нетанјаху кои избувнаа пред два месеци, а се интензивираа во последните неколку недели. Демонстрантите бараат оставка од премиерот поради обвиненијата за мито, кршење на довербата и корупција.
- Мотивацијата на лидерите на ОАЕ за нормализирање на односите -
Според Атаман, постојат неколку причини што ги натерале ОАЕ да ги нормализираат односите со Израел.
Прво, вели Атаман, ОАЕ мора да соработуваат со Израел поради идеолошки причини. Раководството на ОАЕ, кое ги смета исламските движења како закана, се чувствува обврзано да ја прифати поддршката на Израел и западните држави за да го разбие нивното влијание.
Потенцирајќи дека ОАЕ имаат „заедничка перцепција за закана“ со овие земји, Атаман вели дека режимите што се одвоени од народот имаат потреба од поголема надворешна поддршка против сопствениот народ.
Атаман нагласи дека деспотските режими повторно стекнале сила во арапскиот свет како резултат на заедничките напори на Обединетите Арапски Емирати, Израел и западните земји да ги свртат во друг правец арапските востанија и револуции.
Од периодот на востанијата од Арапската пролет во 2011 година, ОАЕ го зедоа Израел како сојузник да ги редуцира движењата за демократизација во арапскиот свет.
Истакнувајќи дека Израел има моќна разузнавачка мрежа и силно влијание врз западните земји, Атаман рече дека земјата има сериозна моќ за заплашување над арапските земји и има моќ да предизвика нестабилност во која било од нив.
„Деспотските арапски режими треба да соработуваат со западните држави, а особено со Израел, кој е нивниот најважен претставник во регионот, за да ја задржат својата моќ“, рече Атаман.
„Второ, режимот на Обединетите Арапски Емирати и нивните лидери се меѓу најголемите актери за перење пари во светот. Без поддршка на Израел и еврејското лоби тие нема да можат да ги продолжат своите легитимни и нелегитимни финансиски активности на глобално ниво“, истакна Атаман.
„Израел го отвора просторот за ОАЕ да ги спроведува своите финансиски активности“, рече тој.
Атаман подвлече дека на земјата и е потребна и поддршка од Израел и западните земји затоа што е една од најактивните земји во поморската трговија и управувањето со пристаништата во регионот и пошироко.
На крајот, Атаман рече дека ОАЕ нема добри односи со актуелните актери во палестинската политика. Обединетите Арапски Емирати, кои го сметаат Хамас за терористичка организација, исто така имаат тензични односи и со движењето Фатах.
„Неодамна, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) сакаа да го сменат палестинскиот претседател Махмуд Абас со Мухамед Дахлан, кој ги следи валканите дела на ОАЕ на многу кризни точки“, рече тој.
Според Атаман, раководството на ОАЕ сака да го постават Дахлан како лидер на движењето Фатах со цел да ги контролираат и палестинската и регионалната политика.
- Заливот мора да ја има поддршката на Израел во однос на САД -
Во однос на безбедноста, ОАЕ и другите држави од Заливот веќе имаат заштита од САД, но договорот индицира дека им е потребна дополнителна заштита од Израел.
Според Атаман, причината за тоа е што ОАЕ и другите заливски земји се соочуваат со расцеп во односите со САД.
„Државите од Заливот имаат потреба од поддршка од држави кои целосно ќе преминат преку нивните нелегитимни политики и кршењето на човековите права“, истакна Атаман.
„Сепак, во одредени случаи, властите на САД можеби ќе треба да преземат мерки против земјите од Заливот поради одредени услови во домашната и надворешната политика“, додаде тој.
„Можеме да набудуваме поблиски односи меѓу САД и Иран и повнимателна американска политика кон Заливот во случај на избор на Џо Бајден за претседател на САД на претстојните избори“, рече тој.
„Затоа, од витално значење за земјите од Заливот е да имаат поддршка од Израел во однос на САД“, рече Атаман.
Бајден моментално води во повеќето американски анкети, но до претседателските избори на 3 ноември има уште неколку месеци.
news_share_descriptionsubscription_contact
