Gülşen Topçu,Mohamad Majed Mustafa Haboush
08 Март 2024•Ажурирај: 11 Март 2024
ГАЗА (АА)
- Мухамед МАЏИД
Додека низ светот се слави 8 Март, Меѓународниот ден на жената, жените во Газа бараат начини да преживеат и размислуваат како да се прехранат себеси и своите деца, јавува Анадолу.
Израелските напади врз Газа, кои траат од 7 октомври 2023 година, не оставија камен над камен, а во Појасот Газа, особено на север, владее голем глад.
Палестинката Неџла (37) е само една од илјадниците жени кои го преживуваат уништувањето и сиромаштијата во Газа.
Неџла го изгубила својот татко во напад на нивниот дом во Беит Лахија во северниот дел на Газа, а нејзиниот сопруг бил депортиран на југ од израелските сили. Борејќи се да преживее сама со своите деца, Неџла се засолнила во јеменската болница Ес-Саид во Џабалија.
- Јадат еден оброк дневно
Примарна должност на Неџла е да обезбеди храна за себе и за децата и некако да преживее. Поради ова, Неџла седи пред огнот што го пали од рано наутро и готви супа, која е единствениот оброк што нејзините деца ќе го јадат во текот на денот.
„Моите деца се гладни и плачат и бараат храна од утрото. Иако е многу тешко да се најде храна на северот на Газа, ние даваме сѐ од себе да ги прехраниме нашите деца. Нашиот оброк денес е супа со вода и доматен сос“, рече Неџла.
- Жените од Газа заслужуваат пофалби
Објаснувајќи дека жените од Газа се спротивставиле на сите тешкотии со кои се соочиле, гладот, сиромаштијата, бездомништвото, Неџла рече: „Како жени од Газа, заслужуваме пофалби за отпорот на војната, блокадата, недостигот на храна и вода.“
Истакнувајќи дека од почетокот на војната биле трпеливи, уморни, работеле за вода и храна и биле изложени на секакви понижувања и суровост, Неџла рече дека иако била млада, почнала да се разболува од носењето вода и од стоењето пред огнот со часови за да готви храна.
- Сака достоинствен живот како и другите луѓе
18-годишниот брат на Неџла, Сундус, изјави дека иако е млад, се чувствува како да има 50 години поради тешките времиња низ кои минал.
Наведувајќи дека во нападите го загубил татко му и дека во неговото семејство немало маж, Сундус рече дека ѝ помогнал на својата сестра да носи вода и да бара храна.
„Понекогаш не јадеме два дена и мораме да трпиме глад“, рече Сундус, додавајќи:
„И ние сакаме чесен живот како другите. Сакаме војната да заврши пред Рамазан и жените низ светот да ги поддржат палестинските жени во Газа.“