Michael Gabriel Hernandez
10 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Познатиот доктор Мехмет Оз се подготвува да се кандидира за сенатор од американската држава Пенсилванија како републиканец, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Оз (61) веќе започна со вработување на персонал и стигна до потенцијалните политички сојузници“, објави веб-страницата „Вашингтон фри Бејкон“, цитирајќи анонимни „влијателни републиканци запознаени со неговите планови“.
Портпаролот на Оз за веб-страницата изјави дека Оз живее и гласа во Пенсилванија од 2020 година и дека таму има длабоки семејни врски.
„Д-р Оз се охрабри да се кандидира за Сенатот на САД, но тој моментално е фокусиран на нашето шоу и нема најава во овој момент“, рече портпаролот, кој не го кажа своето име.
Доколку официјално ја објави својата кандидатура, Оз ќе се бори за местото на сенаторот Пат Туми кој се повлекува од Федералниот законодавен дом во 2022 година. Пенсилванија е сојузна држава за која најмногу се острат сабјите во изборите за Конгресот и националните избори, а демократите го гледаат местото на Туми како можност за да добијат адут во рамномерно поделениот Сенат.
Во моментот двајца републикански кандидати формално ги објавија своите кандидатури, републиканецот Џеф Бартос и воениот ветеран Шон Парнел, кој доби поддршка од поранешниот претседател Доналд Трамп во септември.
Оз е познат како донатор и на демократите и на републиканците, а со своето учество во трката за сенатроската позиција ќе влезе со статусот на позната личност. Сепак, според „Фри Бејкон“, на Оз му недостига политичко искуство, а неговите врски со Пенсилванија може да се сметаат како слабост кај гласачите.