Ekipa
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ЗАМБОАНГА (АА) - Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, ги повика граѓаните на таа земја да бидат внимателни бидејќи терористичката закана на ДЕАШ не исчезнала со ослободувањето на градот Марави, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не се обидувам да ве заплашам, но дајте во наредните денови да бидеме подготвени за сите закани откако се случи окупација на Марави. Тероризмот е секаде околу нас“, изјави Дутерте во синоќешното обраќање во градот Баколод.
Предупредувањето на Дутерте за постојаноста на терористичката закана стигна неколку часа откако командата на филипинската војска во покраината Минданао прогласи крај на операцијата за ослободување на Марави, во којашто беше ослободена и последната група од 20 заложници и поразена терористичката група Мауте. Таа група се смета за огранок на ДЕАШ на Филипините.
Дутерте, исто така, изјави дека сите нации во светот се соочени со злосторствата на ДЕАШ.
Припадниците на терористичката организација Мауте и ним блиската организација Абу Сајаф на 23 мај го зазедоа градот Марави и оттогаш во градот се водеа судири меѓу терористите и филипинската војска. Според последните извештаи, во петмесечните судири се убиени најмалку 800 терористи, а загинаа и 160 војници и најмалку 47 цивили. Градот и периферијата досега ги напуштија околу 400.000 жители.
Филипинскиот министер за одбрана, Делфин Лорензана, претходно потврди дека во Марави се пронајдени телата на убиениот Иснилон Хапилон и Омер Хајам, водачите на терористичката организација Абу Сајаф и на Мауте.