Ata Ufuk Şeker
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Европската комисија денес на земјите членки им предложи уредба која предвидува прекин на практиката на поместување на часовникот во летен и зимски период, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер го претстави предлогот за укинување на поместување на часовникот, според кој земјите членки на ЕУ од 2019 година би престанале со практиката на летно и зимско сметање на времето, односно би преминале на едно време во текот на целата година. Земјите членки имаат рок до април 2019 година да одберат траен избор за сметање на времето, односно да одлучат дали тоа ќе биде летно или зимско.
За оние земји кои ќе го одберат летното сметање на времето последното задолжително поместување на часовникот е 31 март 2019 година, додека оние земји кои трајно ќе преминат на зимското сметање на времето, тоа последен пат ќе го сторат на 27 октомври 2019 година.
За овој предлог да помине потребна е официјална потврда на Советот на Европа и Европскиот парламент.
Европската комисија неодамна објави и прелиминарни резултати на онлајн анкетата за поместување на часовникот поради премин на летно и зимско сметање на времето во Европа, според кое 84 отсто од учесниците на анкетата се изјаснија за укинување на регулативата за поместување на часовникот.
Во анкетата учестуваа 4,5 милиони испитаници од сите 28 земји на ЕУ, што е досега најголем број на учесници во која било од јавните консултации иницирани од ЕК.
Од 1980 година ЕУ постепено воведуваше законодавство кое го прифатија членките, согласувајќи се да ја координираат промената на времето на часовниците во согласност со него. Од 1996 година сите Европејци ги поместуваат часовниците за еден час нанапред последната недела во март и еден час наназад последната недела во октомври.