Bayram Altuğ
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека од почетокот на оваа година е забележан рекорден број раселени лица во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ресорната комисија на ОН денес објави извештај за состојбата на човековите права во Сирија која е зафатена од војна.
Во извештајот се наведува дека проблемот со раселувањето на луѓето во Сирија е најизразен во првата половина на оваа година, споредувајќи од почетокот на Граѓанската војна во оваа земја во 2011 година.
Истакнато е дека повеќе од милион лица се раселени во нападите кои силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ги извршија во првата половина од годината во регионите под контрола на вооружената опозиција и терористичките организации.
Исто така се наведува дека раселените цивили се принудени на преживување во застрашувачко лоши услови.
Тричлената комисија предупреди дека слична ситуација ќе се случи и во северозападниот сириски регион Идлиб, доколку со преговорите не се спречи ескалација на судирите во тој регион.
Најтешка ситуација во првата половина на оваа година е забележана во Алепо, Хомс, Дамаск, Дера и Идлиб кои беа цел на жестоки напади на режимските сили.
„Во тие региони се водат судири меѓу вооружените групи, но истовремено се извршувани и напади по случаен избор, користено е забрането оружје, ограбувани се и протерувани цивили и забележани се други воени злосторства“, се наведува во извештајот.
Комисијата, исто така ги обвини сите групи во судирите дека не ги презеле сите мерки за заштита на цивилите.
Извештајот на 17 септември во Женева ќе биде претставен и на седницата на Советот на ОН за човекови права.
„Неприфатливо е страните во судирите да не се придржуваат до обврските воените операции да се спроведуваат на начин да се избегнат страдањата и раселувањата на цивилите“, порача шефот на Комисијата на ОН, Паоло Серџо Пинхеиро.