Ekip
09 Март 2021•Ажурирај: 10 Март 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европскиот парламент гласаше за укинување на имунитетот на поранешниот каталонски лидер и европратеник Карлес Пучдемон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Околу 400 членови на 705-членото тело на ЕУ денес гласаа за одземање на имунитетот.
Како последица на тоа, Пучдемон, кој беше избран за член на Европскиот парламент во 2019 година, можно е да се соочи со судски процес во Шпанија под обвинение за противдржавно делување за одржување нелегален референдум за независност и злоупотреба на јавни средства.
Европратениците исто така одобрија одземање на пратеничкиот имунитет на уште двајца каталонски политичари, Антони Комин и Клара Понсати.
Гласањето се случи откако минатиот месец членовите на Комисијата за правни работи при Европскиот парламент го одобрија извештајот во кој се заклучува дека наводните настани се случиле пред Пучдемон и неговите двајца колеги да ги освојат мандатите, па затоа имунитетот може да им биде укинат.
По ова, Шпанија се очекува да ја обнови потерницата за да побара екстрадиција од Белгија на тројцата Каталонци.
Во јануари, белгискиот суд ја поништи потерницата на Шпанија и го отфрли барањето за екстрадиција тврдејќи дека Високиот суд на Шпанија нема ингеренции за такви барања.
Пучдемон и неговите колеги истакнаа дека ќе вложат жалба на одлуката на Европскиот парламент пред Европскиот суд на правдата.