Diyar Güldoğan
03 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Европскиот парламент денес ќе избере еден од четворицата кандидати за претседател во наредните две и пол години, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Четворицата кандидати имаат право да дојдат на функцијата претседател на Парламентот на утрешните избори“, беше истакнато доцна синоќа.
Станува збор за Ска Келер (од Европската слободна алијанса, Германија), Сира Рего (Европска обединета левица/Нордиска зелена левица, Шпанија), Давид-Марија Сасоли (Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите, Италија) и Јан Зарадил (Алијанса на конзервативци и реформисти во Европа, Република Чешка).
Изборите се одржуваат со тајно гласање, а кандидатот мора да добие апсолутно мнозинство гласови (50 % плус 1).
Претседателот на Европскиот парламент во заминување, Антонио Тајани, на новиот претседател, којшто треба да биде избран, денес му посака да има најдобри резултати во работата со сите европратеници.
„Задржувањето на Парламентот во центарот на политичката дебата, доближување на нашата институција до граѓаните и заштитата на вредностите на ЕУ, беа моите цели при претседателствувањето“ напиша Тајани на Твитер.
Доцна синоќа, Европскиот совет го избра Чарлс Мишел за нов претседател на Европскиот совет и Евросамитот.
„Моето назначување за претседател на Европскиот совет е голема одговорност и задача што ќе ја исполнам со посветеност. Мојата цел е обединета Европа со почит кон националниот диверзитет. Солидарноста, слободата и заемното почитување се јадрото на Европската Унија“, напиша Мишел синоќа на Твитер.
Европските лидери во вторникот ја предложија Урсула фон дер Лејен за следен претседател на Европската комисија. Ако биде избрана, таа ќе биде првата жена што ќе служи на оваа функција.
Тие, исто така, ја предложија управната директорка на ММФ, Кристин Лагард, за претседателка на Европската централна банка, како и шпанскиот министер за надворешни работи, Жозеп Борел, да биде шеф за надворешна политика на ЕУ.