Ömer Faruk Yıldız
14 Мај 2019•Ажурирај: 15 Мај 2019
КОЛОМБО (АА) - Граѓанин од исламска вероисповед во Шри Ланка го загуби животот во напад од антиисламска разбојничка група, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полициските власти за новинарите соопштија дека во областа Путалан, антиисламска разбојничка група, вчера, без да го почитува прогласениот полициски час, со нож и со остри предмети нападнала 45-годишен муслиман, кој потоа бил хоспитализиран.
Лицето кое било префрлено во болница за кратко време го загубило својот живот.
По терористичките напади врз цркви и хотели во земјата на 21 април, Владата привремено прогласи полициски час и го забрани користењето на социјалните медиуми одреден период.
Вчера во земјата беа извршени напади врз некои џамии и продавници кои припаѓаат на муслимани. По тие напади повторно беше прогласен полициски час, а исто така беше блокиран и пристапот до социјалните медиуми.
На 21 април, денот кога христијаните во Шри Ланка го чествуваа католичкиот Велигден, цел на терористичките напади беа црквите „Свети Антониј“ во Кочикаде, „Свети Себастијан“ во Катана и црквата „Девица Марија“ во Батикалоа, како и хотелите со пет ѕвезди „Кингсбери“, „Синамон гранд“ и „Шангри ла“ во градот Коломбо.
По овие напади, во предградијата на главниот град Коломбо, во хотел со три ѕвезди во близина на Зоолошката градина во Дехивала и на надвозникот Дематого, исто така, имаше експлозии. Властите во Шри Ланка соопштија дека при терористичките напади животот го загубиле 253 лица.