Oliver Towfigh Nia
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Еколошката организација „Гринпис“ денес соопшти дека влијанието на екстремните горештини и повеќенеделната суша ја чинело германската економија најмалку 36 милијарди евра, што претставува 0,8 до 0,9 отсто од економскиот производ, јавува Анадолу.
„Гринпис“ ја пресмета економската штета што произлегува од неуспехот на земјоделските приноси, шумските пожари и трошоците за здравствена заштита, како и загубите во продуктивноста и трошоците за образованието предизвикани од горештините.
- „Не можеме да си дозволиме да продолжиме вака“ -
„Ова лето на горештини и суша беше катастрофа - за милиони луѓе и за економијата“, изјави во соопштение финансискиот експерт на „Гринпис“, Маурисио Варгас.
„Иако оваа природна катастрофа не остави зад себе планини од урнатини, размерите на штетата се запрепастувачки“, додаде тој.
Варгас ја повика сојузната Влада да одговори „со сериозноста што ја бара климатската криза“ на нејзиното заседание надвор од редовното седиште.
„Бројките се недвосмислени: Не можеме да си дозволиме да продолжиме вака“, рече тој.
Поради повеќенеделната суша, се очекува жетвата во некои региони на Германија да биде значително помала. Превозот по внатрешните водни патишта мораше да биде запрен во некои области како резултат на екстремно нискиот водостој.
Најпогодени беа секторите што зависат од големи количества суровини и меѓупроизводи, како што се хемиската, челичната и нафтената индустрија. Според процените, поради горештините биле изгубени десетици милиони работни часови.
- „Вистинските трошоци се значително повисоки“ -
„Гринпис“ ја идентификуваше загубата на продуктивноста како област со најголеми вкупни загуби: „Со проценети 25 дена екстремни горештини, загубите во продуктивноста и прекините во работата поврзани со горештините изнесуваат 10,8 милијарди евра“, се наведува во студијата.
Потоа следуваат штетите на шумите, проценети на 5 милијарди евра до 7,5 милијарди евра, како и економските загуби поради отсуства од работа поврзани со здравствени проблеми, проценети на 6,9 милијарди евра. Сепак, значително се погодени и земјоделството, превозот по внатрешните водни патишта и образованието.
Организацијата нагласи дека дел од сериозните последици сè уште не можат да се квантифицираат, вклучително и влијанието врз енергетскиот систем поради недостиг на вода за ладење или зголемувањето на нивото на озон и цврсти честички предизвикано од горештините.
„Вистинските трошоци од екстремните временски појави како ова топло лето далеку ги надминуваат нашите пресметки“, рече експертот на „Гринпис“, Варгас.
„Во споредба со тоа, инвестициите во амбициозна заштита на климата изгледаат занемарливи“, додаде тој.