Mustafa Hatipoğlu
21 Октомври 2023•Ажурирај: 21 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Украина, Владимир Зеленски, телефонски разговараа за случувањата на Блискиот исток, известува Анадолу.
Во соопштението на Дирекцијата за комуникации на Туркије се наведува дека двајцата лидери разговарале за војната меѓу Русија и Украина, за судирот меѓу Израел и Палестина и за хуманитарната криза во регионот.
Ердоган истакна дека е можно по мирен пат решавање на конфликтите во регионот, вклучувајќи го и израелско-палестинскиот конфликт.
Тој порача дека Туркије ќе продолжи да ги вложува напори за постигнување на тоа.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.
Во израелските напади на Појасот Газа загинаа 4.385 лица, соопштија денес официјални претставници на Министерството за здравство на Палестина.
Министерството соопшти дека меѓу убиените во израелските напади, 1.756 се деца.
Во нападите врз Израел загинаа над 1.400 лица.