Erdoğan Çağatay Zontur
18 Јануари 2020•Ажурирај: 19 Јануари 2020
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, утре ќе патува во официјална посета на Германија за да учествува на Берлинската конференција за кризата во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател потврди дека Ердоган на повикот на германската канцеларка, Ангела Меркел, утре ќе присуствува на меѓународната мировна конференција во Берлин.
„Предвидени се разговори и размена на мислења за чекорите потребни за воспоставување на мирот и стабилноста во Либија, како и преговори за утврдување конкретни чекори кон таа цел“, се наведува во соопштението.
Република Турција ја поддржува меѓународно признаената Влада за национално единство во Либија и иницијативите за воспоставување траен мир и пронаоѓање политичко решение за кризата во Либија.
Целта на мировната конференција, што на највисоко ниво Германија утре ја организира во Берлин, е јакнење на постоечкото кревко примирје и отворање на патот на политичкиот процес.
Германската канцеларка Меркел на конференцијата ги повика челниците на Турција, Русија, САД, Кина, Франција, Велика Британија и другите регионални земји.
На конференцијата би требало да учествуваат и делегациите на Владата за национално единство и нелегитимните сили од истокот на Либија што ги предводи Калифа Хафтар.