Esra Tekin
15 Февруари 2024•Ажурирај: 16 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА)
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека повиците за мир во Појасот Газа, каде што Израел уби повеќе од 28.000 луѓе, „за жал остануваат без резултат поради негативниот пристап на САД“, јавува Анадолу.
Зборувајќи за новинарите при враќањето од Египет по еднодневната официјална посета, Ердоган рече дека ставовите што ги изразил за време на почетокот на конфликтот во палестинската енклава сега се повторуваат и на Запад.
Ердоган нагласи дека нападите врз Појасот Газа, кои траат по упадот на Хамас на 7 октомври, го одразуваат „вообичаениот недостиг на совест“ на Израел и подвлече дека безбедноста на луѓето во регионот не може да биде загрозена.
„Светот не може да игнорира дека решението лежи во независна, суверена палестинска држава со главен град во Источен Ерусалим, заснована врз границите од 1967 година“, додаде турскиот претседател.
„Дали принудувањето на цивилите на наводно безбедно подрачје пред да го бомбардира е во согласност со хуманитарните вредности, законите за војна, меѓународното право, човековите права?“, рече Ердоган.
Турскиот претседател рече дека координацијата и соработката на Анкара со Каиро значително ќе придонесат за мирот, спокојството и стабилноста на регионот, додавајќи дека неговиот египетски колега Абдел Фатах ел-Сиси ќе ја посети Туркије во април или мај.
- За руско-украинската војна
Претседателот Ердоган осврнувајќи се руско-украинската војна рече дека неговата земја постигнала опипливи резултати за мир и дека може да продолжи да го прави тоа.
„Досега обезбедивме опипливи резултати што му служат на мирот во украинско-руската војна. Се случија многу значајни случувања, почнувајќи од размена на затвореници до воспоставување коридор за жито“, рече Ердоган.
„Дури и ги собравме страните во Туркије во повеќе наврати. Може повторно да го направиме тоа и да ја отвориме вратата за мир со управување со процесите ориентирани кон решенија, без надворешни влијанија“, додаде тој.
Ердоган рече дека во разговорите и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Владимир Зеленски, Туркије продолжува со напорите во оваа потрага.
Тој истакна дека Анкара нема да се откаже од стремежот за мир, и додаде: „Ќе продолжиме да правиме сѐ што може за да постигнеме мир.“
- Турско-американски односи
Ердоган зборуваше и за позитивниот развој во односите меѓу Анкара и Вашингтон.
Одобрувањето на САД за долго стопираната продажба на борбените авиони Ф-16 на Туркије кое следеше по одобрувањето на членството на Шведска во НАТО од страна на турскиот Парламент, многумина го гледаат како некаков поттик во врска со затегнатите односи меѓу двата сојузника во НАТО.
Зборувајќи пред новинарите на летот од Египет, Ердоган рече дека „атмосферата во Конгресот моментно е позитивна (за Туркије)“.
„Може да кажеме дека бројот на прашања за кои размислуваме слично или постигнавме консензус со САД се зголемува“, рече тој.
„Нема неповолна атмосфера, всушност, се забележува позитивен развој“, додаде Ердоган.