10 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
БАКУ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека тоа што Азербејџан ги ослободи своите територии од окупација, никако не значи дека напорите се завршени, додавајќи дека Азербејџан ќе продолжи да пишува историја под вештото лидерство на Илхам Алиев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган учествуваше на Церемонијата на парадата на победа во азербејџанскиот главен град Баку, по повод ослободувањето на азербејџанските територии во Нагорно Карабах од ерменска окупација, каде што имаше и свое обраќање.
„Тоа што Азербејџан ги ослободи своите територии од окупација, никако не значи дека напорите се завршени“, рече Ердоган, и додаде: „Се надевам дека Азербејџан ќе продолжи да пишува историја под вештото лидерство на мојот брат Илхам Алиев.“
Турскиот претседател се осврна и на војната која се случи во Нагорно Карабах помеѓу Азербејџан и Ердоган.
„Законот за војна е тешко прекршуван, прекршена е и честа на човештвото. Наша должност е да бараме отчет за тоа во секоја платформа“, истакна Ердоган.
Тој рече дека ерменските функционери ги потрошиле ресурсите на народот за да ги држат под окупација териториите на Азербејџан.
„Доколку ерменскиот народ извлече лекција од случувањата во Карабах, тогаш во регионот ќе биде почеток на нов период“, додаде Ердоган.
Како што истакна, треба да се разгледаат односите и да се види дека со поттикнување на западните империјалисти не може да се стигне никаде.
„Оние кои во Нагорно Карабах носеа само рушење, масакри и солзи, сега треба добро да размислат“, рече Ердоган.
Тој подвлече дека Турција и Азербејџан ќе ги надминат тешкотиите и ќе продолжат да чекорат од успех во успех сѐ додека се поддржуваат една со друга.