Cansu Dikme
02 Септември 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
БИШКЕК (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, утринава изјави дека манипулаторите се обидуваат со валути да ја загрозат силната и стабилна турска економија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Киргистан, Ердоган им се обрати на учесниците на Турско-Киргистанскиот бизнис-форум во Бишкек.
Турскиот претседател порача дека Турција, и покрај сите напади врз нејзината економија, е одлучна да воспостави економска независност, со акцент на независноста на секторот на одбраната.
„Зависноста од американскиот долар во меѓународната трговија станува сѐ поголем проблем. Потребно е постепено да се стави крај на тој монопол на доларот, треба да го направиме тоа еднаш и за сите времиња, и тоа со употреба на сопствените валути“, порача Ердоган.
Пораките на Ердоган се упатени во екот на тензиите во односите меѓу Анкара и Вашингтон, до кои дојде поради заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување санкции кон Турција поради судскиот процес кој се води во Турција против американскиот свештеник, обвинет за тероризам. Трамп двојно ги зголеми царинските давачки за челик и алуминиум за Турција, што веќе неколку недели доведува до пад на вредноста на турската лира во однос на американскиот долар.
Пофалувајќи ги добрите односи помеѓу Турција и Киргистан, Ердоган рече дека целта на двете земји е да остварат трговска размена во вредност од милијарда долари. Моменталната трговска размена е двојно помала.
„Прво ги повикувам турските инвеститори да вложуваат во Киргистан. Тоа е наша пријателска и братска земја. Киргистан нека ви биде приоритетен“, порача Ердоган.
На учесниците на Форумот им се обрати и претседателот на Киргистан, Соронбај Женбеков, кој исто така ги повика турските инвеститори да учествуваат во проектите во таа земја.
„Помеѓу Киргистан и Турција има голема доверба. Нашите билатерални односи се сè подобри, порача Женбеков.
Потсетувајќи дека Турција во изминатите две децении инвестирала околу 500 милиони долари во Киргистан, Женбеков истакна дека неговата земја сака да извезува еколошки земјоделски производи.