Ekipa
04 Ноември 2022•Ажурирај: 05 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, денеска го повика Иран да ја прекине својата воена поддршка за Русија во војната против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Инсистираме Иран да престане да ја снабдува Русија со оружје. Иран тоа го негира, но Украинците обезбедуваат докази за овие дронови“, рече Борел на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во западниот германски град Мунстер.
Неговите коментари дојдоа по вчерашните изјави на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој, исто така, изрази загриженост.
„Гледаме, исто така, дека Иран ја снабдува со дронови и размислува да ја снабди Русија и со балистички ракети“, рече Столтенберг и додаде: „Ова е неприфатливо. Ниедна земја не треба да ја поддржува Москва во оваа нелегитимна војна.“
Верниот сојузник на Москва, Техеран, досега негира дека ѝ испорачува оружје на Русија.
Борел ја осуди и акцијата на безбедносните сили врз антирежимските демонстранти во Иран и нагласи дека ЕУ „ќе продолжи да ги поддржува демонстрантите“.
„Мораме да ја изразиме нашата силна поддршка на демонстрантите, особено на жените, храбрите жени во Иран“, додаде тој.
Во Иран се одржуваат протести од средината на септември по смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена од полицијата за морал во земјата поради наводно кршење на исламскиот кодекс на облекување.