Melike Pala
09 Март 2026•Ажурирај: 09 Март 2026
БРИСЕЛ (АА) – Европската Комисија, изјави денес дека сите земји членки на Европската Унија (ЕУ) моментално располагаат со итни резерви на нафта за 85 до 90 дена и дека нема непосреден ризик од недостиг во снабдувањето и покрај скокот на глобалните цени на енергенсите, јавува Анадолу.
Портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Итконен, во изјава за новинарите во Брисел вели дека блокот останува добро подготвен да се справи со потенцијалните нарушувања на глобалните енергетски пазари.
„Многу помалку сме загрижени за безбедноста на снабдувањето отколку за високите цени на енергијата. Овој момент е совршен потсетник да се фокусираме на зајакнување на нашата енергетска независност и отпорност, а тоа го правиме веќе со години“, изјави портпаролката.
„Нема закана за недостиг во снабдувањето со нафта во Европа“, додаде Итконен, истакнувајќи дека сите земји членки одржуваат итни резерви еквивалентни на потрошувачка за најмалку 85 до 90 дена.
Итконен вели дека ниту една земја членка не ја известила Европската комисија за намерата да ги пушти во оптек своите стратегиски резерви како одговор на моменталната ситуација на пазарот.
Таа додаде дека координативната група на ЕУ за нафта ќе се состане в четврток за да ја разгледа ситуацијата и да ги процени случувањата на глобалните пазари.
„Во поглед на нафтата, не гледаме простор за загриженост или итна состојба. Засега, ситуацијата е под контрола. Енергетските залихи во Европа остануваат стабилни”, изјави таа.
Портпаролката на Европската комисија додаде дека диверзифицираната структура на снабдување на Европа ги намали ризиците поврзани со геополитичките тензии.
„Се оддалечивме од зависноста од еден снабдувач кон микс од снабдување преку гасоводи и течен природен гас (ЛНГ) од глобални набавувачи. Истото тоа важи и за нафтата“, објасни Итконен.
„Европа сега поголемиот дел го увезува преку гасоводи од Норвешка, а природен течен гас главно од Соединетите Американски Држави, додека од Иран не увезува ниту нафта ниту гас“, додаде таа.
Итконен, исто така, изјави дека Комисијата продолжува внимателно да ги следи случувањата на енергетските пазари, заедно со земјите членки на ЕУ и Меѓународната агенција за енергија.
„Немаме коментар за самите цени освен тоа дека ги следиме зголемувањата со одредена загриженост“, изјави портпаролката на Европската комисија.
И покрај нестабилноста на цените, Итконен истакна дека блокот е „многу подобро подготвен отколку во 2022 година“, нагласувајќи дека нивоата на залихи на гас остануваат доволно високи за да го покријат остатокот од зимската сезона за греење.