Melike Pala
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Европската Унија (ЕУ) размислува за воведување санкции за израелските министри обвинети за поттикнување нарушувања на човековите права по израелскиот напад врз хуманитарната флотила за Газа, се наведува во нацрт-заклучоците за самитот на ЕУ закажан за 18 и 19 јуни, јавува Анадолу.
Во точка 22 од делот за Блискиот Исток се наведува дека Европскиот совет „го осудува лошото постапување со притворените лица по пресретнувањето на флотилата „Сумуд“ во меѓународни води“, соопшти денес италијанската новинска агенција АНСА.
Во нацрт-заклучоците исто така, се повикува Европскиот совет „да продолжи со својата работа во однос на рестриктивните мерки за министрите од екстремната десница што поттикнуваат и промовираат вакви нарушувања на човековите права“.
Текстот и понатаму е предмет на преговори меѓу постојаните претставници на 27 земји членки на ЕУ и би можел да претрпи измени пред почетокот на самитот.
Предлогот е даден по израелскиот напад врз хуманитарната флотила во меѓународни води којашто носеше помош за Газа.
На видеоснимката објавена од израелските власти, која масовно се споделуваше на социјалните мрежи, се гледа како израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир чекори меѓу притворените активисти, кои клечат во збиени редови, а рацете им се врзани со пластични стеги.
Снимката предизвика критики од организациите за човекови права и од повеќе влади.
Франција и Италија побараа поостар одговор од Унијата, вклучително и можност за воведување санкции.
Се очекува лидерите на ЕУ да дискутираат за ова прашање на претстојниот самит, додека земјите членки се обидуваат да усогласат заеднички став за најновите случувања во Газа и во поширокиот регион на Блискиот Исток.