АНКАРА
Шефот на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, изјави дека Русија не сака да ја искористи можноста да има конструктивен дијалог со Блокот, поради што треба да се подготват за последиците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жозеп Борел ги даде неговите коментари по посетата на Москва во период од 4 до 6 февруари, посета што тој ја нарече комплицирана, и изјави дека дискутирале за проблематичната состојба на односите меѓу Русија и ЕУ и дека овие односи дополнително се влошиле со апсењето и осудувањето на Алексеј Навални, како и со апсењата на илјадници демонстранти што го поддржуваат.
„Целта на оваа мисија беше да се изрази директно силната осуда на ЕУ за овие настани и да се реши преку принципиелна дипломатија процесот на брзо влошување на нашите односи со Русија и да се помогне во подготвувањето на претстојните дискусии на Европскиот совет за односите меѓу ЕУ и Русија“, изјави тој, повикувајќи се на самитот на ЕУ закажан за во март.
Тој нагласи дека агресивно одржаната прес-конференција и протерувањето на тројца европски дипломати за време на неговата посета на Русија биле индикатори дека Русија не сака да се вложува во поконструктивен дијалог со Блокот.
Борел изјави дека ситуацијата била неочекувана, но дека сепак е за жалење дури и од руска стратешка перспектива.
„Како ЕУ, ќе треба да се подготвиме за последиците, внимателно да размислиме за насоката што сакаме да ја дадеме на нашите односи со Русија и да ги продолжиме на обединет начин со посветеност“, нагласи тој.
- Зголемување на тензиите на состанокот со Лавров -
Нагласувајќи дека основните теми на неговата средба со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, биле човековите права, основните слободи и особено случајот Навални, Борел рече:
„На моменти, дискусијата со мојот руски колега достигнуваше високи нивоа на напнатост, бидејќи повикав на итно и безусловно ослободување на г. Навални, како и на целосна и непристрасна истрага за обидот за неговиот атентат.“
Наведувајќи дека дознал за протерувањето на дипломатите на ЕУ преку социјалните мрежи на крајот од неговиот состанок со Лавров, Борел рече дека го потсетил неговиот руски колега за обврските на неговата земја во областа на човековите права според меѓународните обврски.
- Русија постепено се одвојува од ЕУ -
Борел изјави дека Блокот и Русија имаат несогласувања на многу теми, вклучувајќи ги Белорусија, Украина, Грузија, Сирија и Либија.
Тој рече дека развојот на руското општество и геостратешкиот избор на земјата се загрижувачки. „Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти за време на оваа посета потврдија дека Европа и Русија се оддалечуваат. Се чини дека Русија постепено се одвојува од Европа и гледа на демократските вредности како егзистенцијална закана.“
„Ние сме на раскрсница. Стратешките избори што ги правиме сега ќе ја одредат меѓународната динамика на моќта во 21-от век, а особено дали ќе напредуваме кон повеќе соработливи или кон повеќе поларизирани модели, засновани врз затворени или на послободни општества“, рече тој.
Борел истакна дека односите меѓу ЕУ и Русија ќе бидат разгледани на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 22 февруари и рече дека земјите членки ќе одлучат за следните чекори, што може да вклучуваат и санкции.
„Ако сакаме побезбеден свет за утре, треба да дејствуваме одлучно денес и да бидеме подготвени да преземеме некои ризици“, рече тој.
- Алексеј Навални -
Во октомври 2020 година, ЕУ одлучи да воведе санкции кон шест лица и Државниот научен истражувачки институт за органска хемија и технологија во Русија поради нивната наводна вмешаност во труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
Донесените мерки за ограничување се состојат од забрана за патување во ЕУ и замрзнување на средствата од физичките лица и замрзнување на средствата од ентитетот.
При враќањето од сибирски Омск во Москва на 20 август, 44-годишниот Навални, жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин, остана без свест во авионот, а по принудното слетување беше хоспитализиран во Омск, под сомнение за токсично труење со супстанција измешана во неговиот чај.
Откако направија тестови во неколку лаборатории, германските власти објавија дека Навални е отруен со нервниот агенс новичок, кој исто бил користен, според Владата на Велика Британија, во нападот на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во британскиот град Солсбери во 2018 година.
Руските власти негираат каква било вмешаност, велејќи дека хемиското оружје не е ниту развиено ниту произведено во земјата од уништувањето на последниот круг хемиски оружја во 2017 година, како што е потврдено и заверено од Организацијата за забрана на хемиското оружје.