Bojana Stojanovic
08 Февруари 2021•Ажурирај: 08 Февруари 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави дека Кина може да очекува екстремен натпревар, но дека не сака да гради односи засновани на конфликт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој изјави и дека од инаугурацијата на 20 јануари не разговарал со претседателот на Кина, Си Ѓипинг, но дека тие двајцата се сретнале повеќе пати додека ја извршувале должноста потпретседатели на земјите.
„Го знам многу добро, а кога ќе разговараме, ќе имаме многу теми“, наведе Бајден.
Тој го опиша претседателот на Кина како многу бистар, многу остар и без ниту една демократска коска во телото.
Бајден од стапувањето на должност разговараше со лидерите на Канада, Мексико, Велика Британија, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, како и со генералниот секретар на НАТО.
Кратко откако беше избран Бајден, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина изјави дека по многу тешко време, народите на Кина и Америка заслужуваат подобра иднина.
Пекинг ја поздрави одлуката на администрацијата на Бајден да останат во Светската здравствена организација, како и одлуката повторно да се приклучат на Договорот од Париз за климатските промени.