Ekip
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
БРИСЕЛ
Европската Унија денес воспостави режим на санкции што го отвора патот за ставање на црната листа на руската платеничка компанија „Вагнер груп“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Министрите за надворешни работи на ЕУ одобрија амандман во рамките на санкциите на Блокот, што ќе ѝ овозможи на ЕУ автономно да воведе рестриктивни мерки за поединци и субјекти одговорни за загрозување на мирот, безбедноста или стабилноста на Мали или за попречување на спроведувањето на неговата политичка транзиција“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Одлуката следуваше по политичкиот договор што го постигнаа министрите за надворешни работи на ЕУ минатиот месец за санкционирање на „Вагнер груп“ и нејзините филијали.
Амандманот само создава правна шема за наметнување мерки за замрзнување на имотот и забрана за патување за поединци и забрана на операторите на ЕУ да им даваат средства на располагање на ентитетите.
Се очекува министрите за надворешни работи на ЕУ да дадат зелено светло за конкретните мерки следната година.
Минатиот месец, пратениците на ЕУ ги повикаа земјите на ЕУ да ја стават на црната листа групата „Вагнер“ и најостро ги осудија грозоморните злосторства извршени од платениците.
Според резолуцијата на Европскиот парламент, активностите на „Вагнер груп“ кореспондираат со проширувањето на зоната на влијание на Русија, па затоа е голема веројатноста дека руската држава е одговорна за финансирањето, обуката, управувањето и оперативната команда на паравоената група.
Министерството за одбрана на САД ја смета приватната платеничка компанија за прокси сила на руската држава.
„Вагнер груп“ е распоредена на Крим и во Источна Украина од 2014 година.
Според Европскиот парламент, „Вагнер груп“ интервенирале и во Централноафриканската Република, Сирија, Судан, Мозамбик, Либија и Венецуела.
Во 2020 година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган посочи на 2.000 платеници на „Вагнер“ кои се борат во Либија за поддршка на Калифа Хафтар, воен лидер што се бореше против легитимната либиска Влада и ги поткопа напорите за мир и единство во земјата.
Мали е во политички и безбедносни судири од 2012 година, што ја прави западноафриканската земја безбедно засолниште за меѓународниот тероризам.