Burak Yılmaz
03 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
АНКАРА (АА) - Заменикот на турскиот премиер и гласноговорник на турската Влада, Нуман Куртулмуш, изјави дека Турција не сака продлабочување на кризата помеѓу Турција и Русија, туку дека се залага за дијалог и надминување на проблемите, јавува Anadolu Agency (АА).
Куртулмуш за телевизијата TGRT ја коментираше актуелната ситуација во регионот и изрази надеж дека кризата во односите на релација Анкара - Москва ќе биде решена бидејќи тоа е во интерес на обете страни
"Ниту Турција може лесно да ја занемари Русија, ниту пак Русија може тоа да го стори со Турција. Ние сме две соседни и партнерски земји со стратешки односи. Се обидуваме да покажеме максимален труд во правец на решавање на кризата и задржување на вратата на дијалогот отворена. Се надеваме дека нашите односи ќе се вратат на старите патеки и ќе продолжат од местото на кое застанаа“, рече Куртулмуш.
Истакнувајќи дека Турција се наоѓа спроти сериозна криза, Куртумлуш рече дека властите на земјата им приоѓаатна сите проблеми максимално одговорно и внимателно, и предупредува дека реториката на лутење и измешани чувства е изводлива, но дека носи свои последици.
„Правиме сè што е во наша одговорност со адекватно и внимателно однесување да ја надминеме кризата. Секако дека сме внимателни и дека и во најлошите можни сценарија ќе бидеме подготвени да ги заштитиме своите граници, суверенитет, економските и политичките интереси“, заклучи Куртулмуш.
Во вторникот утрото, на 24-ти ноември, два авиона од типот F-16 на турските воздушни сили во тек на патролна контрола во согласност со правилникот за ангажман го предупредиле рускиот авион дека го крши турскиот воздушен простор, а потоа интервенирале. Русија соопшти дека соборениот авион кој падна во сирискиот пограничен регион Бајирбуџак, недалеку од турскиот Хатај, ѝ припаѓал на нејзините воздушни сили. НАТО потоа ја потврди точноста на турските наводи дека руски авион го повредил турскиот воздушен простор.
Руски авиони и во почетокот на октомври го повредиле турскиот воздушен простор. Руски официјални лица тогаш упатиле извинување и ветиле дека тоа нема да се повтори. Турција тогаш го повтори ставот дека, во согласност со правилата за ангажман на воздушните сили, воено ќе одговори на повредата на нејзиниот воздушен простор.
Прва средба на високи официјални лица на двете земји е договорена за денес во 15:30 часот на маргините на 22-то заседание на Советот на министри на OSCE во Белград. Шефовите на турската и руската дипломатија, Мевлут Чавушоглу и Сергеј Лавров, ден по соборувањето на рускиот авион имале телефонски разговор, а денес и за прв пат ќе се состанат за да разговараат за овој случај.