Ömer Tuğrul Çam
25 Јуни 2021•Ажурирај: 26 Јуни 2021
БРИСЕЛ (АА) - Урсула фон дер Лејен, претседателката на Европската комисија, изјави дека Европската Унија ќе издвои буџет од 3 милијарди евра до 2024 година за поддршка на Сиријците згрижени во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
По Самитот на лидерите на ЕУ одржан во Брисел, Фон дер Лејен одржа заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел и премиерот на Португалија, мандатниот претседавач со ЕУ, Антонио Коста.
Истакнувајќи дека на Самитот на ЕУ се дискутирало за односите со Турција и во овој контекст, за ситуацијата на Сиријците Фон дер Лејен изјави: „Јасно ставивме до знаење дека ќе продолжиме да ја поддржуваме Турција и другите партнери во регионот, како што се Јордан и Либан, кои се домаќини на милиони сириски бегалци.“
Фон дер Лејен рече дека поголемиот дел од товарот е врз регионот и дека во заеднички интерес на Европа е да ги штити бегалците и да ги поддржи нивните домаќини. Нагласувајќи дека поддршката што ја давале во минатото ќе продолжи и во иднина, Фон дер Лајен нагласи:
„Планираме да одвоиме дополнителни 3 милијарди евра до 2024 година за поддршка на бегалците во Турција. Овие пари ќе дојдат целосно од буџетот на ЕУ и ќе бидат наменети за социоекономска поддршка на бегалците. Повеќе нема да бидат само предмет за итна помош, бидејќи Сиријците со години живеат во овој регион и им треба перспектива за годините што доаѓаат. Покрај тоа, ние ќе ја поддржиме Турција во менаџирањето со миграцијата на нејзината источна граница. Во исто време, Европската комисија ќе обезбеди 2,2 милијарди евра до 2024 година за Сиријците во Јордан и Либан. Ги поканивме членките на ЕУ да обезбедат повеќе финансии.“
Информирајќи дека лидерите на ЕУ го поддржуваат овој пакет, Фон дер Лејен изјави дека Европската комисија сега ќе го подготви официјалниот правен предлог.