İlayda Çakırtekin
15 Септември 2026•Ажурирано: 15 Септември 2026
Железничкиот сообраќај беше во прекин во голем дел од Холандија рано утрово поради дефект за кој постои сомневање дека е предизвикан од саботажа, јави НОС, пренесува Анадолу.
Од компанијата ПроРеил, која управува со железничката инфраструктура, соопштија дека постои сомневање големиот прекин во железничкиот сообраќај да е предизвикан од саботажа, опишувајќи го инцидентот како невообичаена ситуација.
„На повеќе локации покрај пругата се пронајдени материјали кои таму биле намерно поставени“, изјави портпаролот, додавајќи: „Се чини дека станува збор за саботажа.“
Портпаролот, исто така, напомена дека на шините биле прикачени цевки, без да наведе дополнителни детали.
Пријавени се дефекти во безбедносниот систем на најмалку 20 различни локации, а од ПроРеил нагласија дека прекинот имал „влијание на национално ниво“.
„Ако железничкиот сообраќај не е можен на толку многу места, тоа влијае и на други локации“, истакна портпаролот.
Се очекува прекинот во железничкиот сообраќај да влијае и врз патниот сообраќај.
„Знаеме кои делови од пругата се погодени, но не и точната локација. Затоа мораме пеш да ја поминеме целата траса за да го лоцираме и отстраниме дефектот“, додадоа од ПроРеил.
Портпаролот немаше одговор на прашањето кој би можел да стои зад саботажата, додека ПроРеил се фокусираше на решавање на проблемот.