Necva Taştan Sevinç
23 Февруари 2026•Ажурирај: 24 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Жените на возраст од 100 и повеќе години во Литванија ги надминуваат мажите во сооднос од приближно шест спрема еден, според новообјавените национални податоци, јавува Анадолу.
На почетокот на годината, Литванија била дом на 428 стогодишници, вклучувајќи 368 жени и 60 мажи, покажуваат бројките од централните регистри во земјата, соопшти медиумската куќа ЛРТ.
„Разликата е навистина импресивна”, изјави Мигле Томкувиене, истражувачка при Универзитетот Вилнус, укажувајќи на биолошките фактори и факторите на однесување зад подолгиот животен век на жените.
Таа истакна дека женскиот хормон естроген помага во заштита од кардиоваскуларни заболувања, кои во 2024 година биле причина за 50,8 % од сите смртни случаи во Литванија, според Институтот за хигиена.
„Жените, исто така, генерално, се склони кон одржување поздрав начин на живот и избегнување штетни навики“, додаде таа.
Томкувиене се осврна и на еволутивната „хипотеза на бабата“, според која жените можеби живеат подолго за да помогнат во грижата за внуците и да го поддржат опстанокот на семејството.
„Истражувањата покажуваат дека генетиката учествува со околу 20 отсто во долговечноста, иако проценките можат да достигнат и до 50 отсто“, нагласи таа, додавајќи дека начинот на живот и околината остануваат пресуден фактор. Физичката активност, исхраната, квалитетот на сонот, менталната благосостојба, квалитетот на воздухот и изложеноста на болести или повреди го обликуваат очекуваниот животен век.
„Ако вашите родители биле долговечни, можете да очекувате дека и вие ќе живеете долго, под услов да не го поткопате тој генетски потенцијал со нездрав начин на живот“, изјави таа.
Научниците идентификувале одредени гени поврзани со долговечноста, вклучително и оние што го подобруваат обновувањето на ДНК, овозможувајќи им на клетките подолго време правилно да функционираат. Сепак, ваквите гени претставуваат само мал дел од вкупните фактори што го одредуваат животниот век.
Најстариот жител на Литванија неодамна наполни 110 години. Иако некои истражувачи шпекулираат дека луѓето еден ден би можеле да достигнат 150 години, Томкувиене изјави дека моментално потврдениот максимален животен век останува околу 120 години.
Таа додаде дека напредокот во персонализираната медицина и превентивниот скрининг би можеле да го зголемат здравиот животен век, т. е. годините поминати без сериозни болести или инвалидитет, што во Литванија моментално надминува 60 години.