Selen Temizer
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
АСТАНА (АА) - Турција, Русија и Иран на 9-тите преговори за Сирија, одржани во Астана, се согласија за заштитување на зоните на деескалација, како и за режимот на примирје и се договорија состанокот на работната група за ослободување на лицата лишени од слобода да се одржи во Анкара, а наредниот состанок на земјите-гаранти, во Сочи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Ерјан Ашикбаев, заменик-министер за надворешни работи на Казахстан, ја прочита завршната Декларација која произлезе од овој состанок во кој беа присутни делегациите на Турција, Русија, Иран, режимот, опозицијата, Јордан и на Обединетите нации (ОН).
Според завршната Декларација, страните укажаа на важноста на зачувување на зоните на деескалација и на режимот на примирје, намалување на насилството, како и на тоа, општата состојба на Сирија да постигне стабилност.
Исто така, се укажува и на важноста на доставување на хуманитарната помош и на обезбедување потребни услови за враќање на бегалците и раселените лица во земјата. Се истакнува дека ќе се продолжи борбата против ДЕАШ, против Нусра Чефеси и против лица и групи кои се поврзани со терористичката листа на Советот на безбедност на ОН.
Страните во завршната Декларација изразија задоволство од одржувањето и постигнувањето напредок на вториот состанок на работната група формирана за ослободување на лицата лишени од слобода, за доставувањето на труповите и за истрагата на лицата кои се водат за исчезнати.
Земјите-гаранти нагласија дека треба да се направат заеднички чекори кои ќе ја зголемат довербата меѓу конфликтните страни.
Ашикбаев соопшти дека работната група за ослободување на лицата лишени од слобода ќе се состане во јуни во Анкара.
- Процесот на Женева
Во Декларацијата се наведува дека процесот на политичко решение треба да продолжи во рамките на Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН, и со придонес на одлуките донесени на Конгресот за национален дијалог кој се одржа во јануари во Сочи.
Во оваа завршна Декларација се препорачува одржување преговори меѓу специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура и сириските страни во најкраток можен рок во Женева, и се препорачува започнување на процесот на формирање уставен комитет.
Ашикбаев додаде дека е донесена одлука за одржување на наредниот состанок на земјите-гаранти во јули во Сочи.