Bayram Altuğ
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН), повикаа на започнување независна истрага во Појасот Газа, нарекувајќи го масакр она што израелските сили го извршија врз палестинските цивили, користејќи „прекумерна сила“, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Високиот комесар за човекови права на ОН, Руперт Колвил, на прес-конференција во Женева, потсети дека израелските сили вчера во Газа усмртија палестински демонстранти, без да се земе предвид дали тие се закана или не.
Колвил рече дека од 30 март се убиени најмалку 112 Палестинци кои учествуваа во „Големиот марш за враќање“. Меѓу жртвите има 14 малолетници.
Тој ја изрази својата загриженост за демонстрациите што денеска попладне треба да се одржат по должината на границата на Газа со Израел, изјавувајќи дека претпоставува дека на вчерашните протести во Газа учествувале околу 40.000 луѓе.
„Употребата на сила се користи како последно решение, а не како прво“, смета Колвил, кој го осуди загрижувачкото насилство со смртоносен исход во Газа. Сепак, портпаролот не ги осуди директно постапките на Израел.
Одговарајќи на прашањата од медиумите, тој убиствата на Палестинците ги нарече како „користење прекумерна сила“.
Повика на отпочнување независна истрага во Газа, посочувајќи дека пред крајот на истрагата, убиствата на невооружените Палестинци не може да го нарече геноцид или злосторство против човештвото.
Израелските безбедносни сили на протестите организирани вчера на по должината на границата на Газа и Израел усмртија 60 Палестинци и ранија повеќе од 2.770 лица.
Илјадници Палестинци се собраа вчера на границата Газа, во знак на протест поради израелската окупација и преместувањето на американската Амбасада од Тел Авив во Ерусалим.
Израелските безбедносни сили се обидоа да го спречат протестот, употребувајќи сила и огнено оружје.