Ekipa
20 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Ебу Мустафа е еден од цивилите што чекаат да бидат евакуирани од градот Алепо во Сирија. За да ги изрази своите чувства тој запеа „Збогум Алепо“.
Во исчекување на евакуацијата од населбата Амирије во Алепо, Мустафа беше запрашан од дописникот на Anadolu Agency (AA): „Дали би сакале да кажете нешто за Алепо?“, а тој изрецитира една локална песна за Алепо:
„Еј, тука го поминав целиот живот, и покрај сите маки, тоа е град во чија земја сум вљубен. Додека ти си ми во зеницата од окото, се збогувам од тебе. Се збогувам од тебе со солзи. Се збогувам од тебе одејќи во град што само ќе ми ја зголеми болката“.
Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу вчера изјави дека од првата евакуација што започна на 14 декември, досега од Алепо се евакуирани околу 20.000 лица.
Со посредство на Русија и Турција, претходниот ден беше воспоставено ново примирје меѓу претставниците на опозицијата и странските прорежимски терористички групи. Двете земји беа гаранти за новото помирување.
Според новиот договор за помирување, се очекува денеска да биде дозволено да се евакуираат преостанатите цивили и опозицијата од источен Алепо. Оние што го чекаат евакуирањето се собираат во населбата Амирије, во источен Алепо.