Talha Yavuz
27 Февруари 2022•Ажурирај: 27 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, предложи преговорите со Русија да се водат во Истанбул, Варшава, Баку, Братислава или Будимпешта, наместо во Белорусија, од каде е нападната неговата земја, известува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски во видеопорака потсети дека пред 4 дена од територијата на Белорусија кон Украина се лансирани крстосувачки ракети, дека авиони, хеликоптери и тенкови тргнале од таа земја да убиваат Украинци и да ги срамнат со земјата нивните домови.
Потсетувајќи дека пред 4 дена е започнат напад на Киев во 4 часот наутро, како и во 1941 година, Зеленски порача: „Се разбудивме, не лежиме, не спиеме, војуваме, војуваме за нашата земја.“
- Белорусија - неприфатлива локација за преговори
Претседателот на Украина рече дека би прифатил преговорите да се одвиваат во Минск доколку нападите на неговата земја не беа извршени од територијата на Белорусија. Потсети дека бројни преговори се одвивале токму во Белорусија кога таа земја била неутрална.
Потсетувајќи дека денес во Белорусија се одржува референдум за уставни измени, Зеленски им порача на граѓаните на таа земја: „Сè уште не сте ја донеле таа важна одлука. Таа се однесува само за вас, ниту за Русија, ниту за Украина, ниту за САД. Тоа се однесува само за народот на Белорусија.“
Зеленски повтори дека сакаат мир.
„Се разбира дека сакаме мир, сакаме крај на војната. На руската страна ѝ предложивме преговорите да се водат во Истанбул, Варшава, Баку, Братислава или Будимпешта, наместо во Белорусија, од каде е нападната нашата земја. Ја прифаќаме секоја земја од чија територија не се фрлани бомби на Украина. Само на тој начин преговорите можат да бидат фер и можат навистина да ја запрат војната“, изјави Зеленски.