Sümeyye Dilara Dinçer
24 Ноември 2022•Ажурирај: 25 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Два дена по силниот земјотрес во Индонезија, од под урнатините е спасено шестгодишно момче, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Сухарјанто, шеф на Националната агенција за управување со катастрофи (BNPB), објави дека шестгодишно момче било извлечено од урнатините два дена по земјотресот што на 21 ноември ја погоди областа Западна Јава.
Тој изјави дека најмалку 40 лица сѐ уште се водат како исчезнати.
Сухарјанто потврди дека загинале 271 лице, а 2.043 се повредени.
Тој посочи дека меѓу загинатите има 100 малолетни лица.
Наведувајќи дека во засолништата има околу 62.000 луѓе, Сухарјанто рече дека 12.000 лица од воениот персонал се распоредени во регионот за да им помогнат на тимовите за пребарување и спасување, полицијата и волонтерите.
Сухарјанто изјави дека повеќе од 56.230 куќи, над 170 јавни згради, вклучително и 31 училиште, биле оштетени во земјотресот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, што е регистриран на 18 километри југозападно од градот Чирањанг.
Координаторот за пребарување и спасување, Ариф Јулијанто, изјави дека операциите за пребарување и спасување, кои беа прекинати синоќа поради монсунските дождови, може да продолжат денеска.
Американскиот геолошки завод (USGS) објави дека земјотресот со јачина од 5,6 степени, кој е регистриран на 18 километри југозападно од градот Чирањанг во провинцијата Западна Јава во Индонезија, е регистриран на длабочина од 10 километри.