Ecenur Çolak
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Високиот комесаријат за човекови права при ОН објави извештај во врска со насилствата врз цивилите муслимани во областа Аракан, во Мјанмар, кои се случуваат веќе долго време, а беа зачестени по нападите врз граничната полиција на 9 октомври. Овој извештај се темели на сведоштвата од 220 лица, кои поради овие насилства избегале во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот се открива дека е во пораст насилството против араканските муслимани, и како што се вели, ’со голема веројатност’ ова спаѓа во рамките на злосторствата против човештвото. Според сведоштвата на 220-те лица, од кои 26 се деца, повеќето муслимани доживуваат трауми поради случувањата и се жртви на убиства, исчезнување, силувања и грабежи.
Повеќето лица кои избегале од Аракан во Бангладеш, каде што се блокирани влезовите и излезите, сведочат дека биле сведоци на убиства, исчезнување, насилство, силување, грабеж, или им била нанесена штета на имотот, или пак самите биле жртви на вакви случувања.
Во извештајот се тврди дека армијата на Мјанмар, полициските сили и селаните будисти, за свои жртви во злосторствата избирале учители, имами, познавачи на религијата, лидери на заедници и други влијателни и почитувани лица, кои ги убивале во различни периоди.
- Убивани се и деца -
Дел од жртвите на силувања и полово насилство извршено од страна на безбедносните сили биле деца. Безбедносните сили исто така убивале женски и машки бебиња и деца од различни возрасти.
Муслиманите Рохинџа за време на операцијата за ’чистење на областа’ од страна на безбедносните сили биле приведувани, при што во домовите, џамиите и на отворен простор биле жртви на тепање, различни мачења, суровост, нечовечно и понижувачко однесување или казнување.
По случувањата на 9 октомври, како резултат на етничка и верска дискриминација беа воведени построги ограничувања во исполнувањето на светата должност, при патувањата или пак при работните активности. Беа ограничени и погребните церемонии, проповедите, носењето верски облеки и носењето брада.
Џамиите беа окупирани и користени како бази од страна на армиските сили, а од домовите била одземана светата книга Куран, по што светите книги биле палени на отворен простор.
Во нападите врз граничните полициски станици на 9 октомври, во Аракан загинаа 29 лица, од кои 13 од безбедносните сили. По овие напади започна операцијата, а во регионот беа испратени голем број војници и полицајци.
Регионот во местата Маунгдав и Јатхај Таунг, каде што се наоѓаат граничните полициски станици, го населуваат араканските муслимани, заедница што ОН ја дефинираше како најпрогонувана во светот.
Во областа Аракан, во 2012 година, за време на насилните случувања меѓу муслиманите и будистите загинаа голем број луѓе, повеќето муслимани, а беа запалени стотици домови и работни места. Поради случувањата, илјадници Рохинџа муслимани беа принудени да го напуштат подрачјето.