Sena Güler
22 Април 2018•Ажурирај: 23 Април 2018
АНКАРА (АА) - Турција денес упати критики за Извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент поради привилегирање на ставовите на извори поврзани со терористите и игнорирање на фактите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението издадено од Министерството за надворешни работи на Турција се вели дека Турција е длабоко разочарана од годишниот Извештај објавен во петокот.
Се додава дека Извештајот се засновува на еден увид на работите од далеку, и ги прикажува наводите и обвинувањата на круговите поврзани со терористите како вистински.
„(Извештајот) е исполнет со обвинувања и тврдења во делот релевантен за нашата земја, нешто што не може да се прифати“, се вели во соопштението на министерството.
Се нагласува дека и покрај интензивната борба против сериозните терористички закани од повеќе страни, Турција ја продолжува својата посветеност на принципите на демократијата, човековите права и владеењето на правото.
Во соопштението на турското МНР се додава дека Извештајот ги отсликува мерките на Турција, кои се дел од нејзината праведна и легитимна борба против терористичките групи како ДЕАШ, ЈПГ/ПКК, терористичката организација ФЕТО и ДХКП-Џ, на пристрасен начин кој не се совпаѓа со фактите.
Во соопштението се наведува дека во Извештајот се игнорира борбата на Турција против терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот обид за државен удар од 2016 година, и се додава:
„Не е коинциденција тоа што Извештајот, кој ги повторува наводите на групите поврзани со тероризам и ја опишува борбата против тероризмот како 'внатрешен конфликт', е напишан во земја каде што живее водачот на ФЕТО.“
ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 250 луѓе, а околу 2.200 беа повредени.
„Им советуваме на земјите кои ја обвинуваат нашата земја за неправедни тврдења, прво да ги сопрат систематските прекршувања на човековите права против нивните граѓани“, се вели во соопштението на министерството.
Во него се додава дека борбата на Турција против тероризмот ќе продолжи решително, а напорите за зајакнување на основните права и слободи ќе продолжат без пречки.