Qays Abu Samra,Said İbicioğlu
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
НАБЛУС (АА) – Некои палестински семејства се обидуваат да продолжат со животот во примитивни услови, засолнувајќи се во пештери, поради тоа што Израел повеќепати нелегално им ги сруши домовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Маџид Ханини (64) е еден од околу 300-те Палестинци, чии домови беа урнати од страна на Израел и живеат во пештерите во источниот дел на градот Наблус, на Западниот Брег.
Палестинските семејства од селото Харбету во Наблус, чии домови изработени од лимени и од цинкови табли на 3. јануари беа срушени од израелските булдожери со изговор дека немаат дозвола, се засолнија во пештерите во регионот.
„Овде животот е тежок, нема никакви средства за живот, но друга алтернатива нема. Правиме куќи од цинк и од бетон, но поради одредбата во договорот од Осло ги рушат, бидејќи се градат во регионот – Ц без дозвола“, изјави Ханини.
Тој вели дека домовите што ги градат веќе дваесетина пати се рушени од страна на Израел и додава: „Не ни претстои добра иднина. Постојано расте притисокот од израелската војска и од еврејските доселеници“.
Покажувајќи кон врвот на планината, Ханини рече: „Пред неколку години таму пристигнаа еврејските доселеници со каравани. Денеска пак изградија фарма за стока и полициска станица. Сакаат да го земат под контрола регионот во кој живеевме уште пред окупацијата од 1967“.
Ханини, кој се родил и пораснал во селото Харбету Тана, рече дека поседуваат 200 кози и оти од нив произведуваат сирење.
„Ова е нашиот едноставен живот. Не сакаме ништо друго освен да живееме безбедно. Овие пештери се нашите едноставни кралства. Целиот наш живот се одвива тука“, вели тој.
- „Израел сака да нѐ исфрли одовде“
Ферсан Хасан (59), кој како Ханини живее во пештерата со своето семејство, истакнува дека постојано се соочуваат со притисоци и со пречки од Израел и додава: „Живееме овде од нашето раѓање. Овде живееја и нашите татковци, дедовци и нашите предци. Сега Израел сака да нѐ исфрли оттука“.
Хасан исто така нагласи дека и покрај тоа што се принудени да живеат во примитивни услови во пештерите, нема да ја напуштат територијата каде што се родени.
„Ние не претставуваме закана за никого. Ги одгледуваме нашите кози, но сепак ни ги рушат домовите. Ова за нас претставува единствено решение. И покрај тоа што Израел ни ги руши домовите, ние ќе продолжиме да живееме во пештерите и нема да ја напуштиме нашата земја“, истакна Хасан.
Во рамките на „Вториот договор од Осло“, кој беше потпишан од страна на палестинското и израелското раководство во 1995 година, Западниот Брег е поделен на регион А, Б и Ц. Административното раководство и обезбедувањето на регионот – А, кој зафаќа 18% од Западниот Брег ѝ припадна на Палестина. Регионот – Б, кој зазема 21% од Западниот Брег е доделен на административното раководство на Палестина, додека обезбедувањето го има Израел. Администрацијата и обезбедувањето врз регионот – Ц, кој зазема 61% од Западниот Брег, доделени му се на Израел.
Израелското раководство речиси не им дозволува на Палестинците да градат во регионот – Ц. Во Источен Ерусалим, кој е под израелска опсада, се наоѓаат околу 200.000 еврејски доселеници, а на Западниот Брег околу 400.000. Меѓународната заедница не ги прифаќа за легални еврејските населби изградени на окупираната територија од страна на Израел.