свет

Израел загрижен од можниот транспорт на катарски природен гас во Европа преку Сирија и Туркије

До неодамна, администрацијата на Тел Авив си замислуваше да ги донесе гасот и нафтата од Заливот до израелското пристаниште Хаифа и да ги пренесе во Европа.

Burak Dağ  | 15.04.2025 - Обновена : 16.04.2025
Израел загрижен од можниот транспорт на катарски природен гас во Европа преку Сирија и Туркије

ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел изразува загриженост поради можноста нафтата и природниот гас од Заливот да се транспортираат во Европа преку Сирија и Туркије.

До неодамна, администрацијата на Тел Авив си замислуваше да ги донесе гасот и нафтата од Заливот до пристаништето Хаифа во Израел и потоа да ги транспортира во Европа.

По револуцијата во Сирија, се чини дека пропадна сонот на Израел.

Крајот на граѓанската војна во Сирија и воспоставувањето блиски односи меѓу новата администрација во Дамаск и Анкара, повторно во преден план го поставија проектот за транспорт на катарскиот гас во Европа, преку Сирија и Туркије.

Весникот „Једиот ахронот“ ја објави анализата на Надав Ејал под наслов „Што се крие зад досега невидената тензија меѓу Туркије и Израел?“

Во текстот се критикува Израел дека „нема стратегија“ во врска со Сирија и се наведува дека „Туркије никогаш нема да му ја остави сириската сцена на Израел“.

Авторот во текстот се осврнува на проектот за транспорт на катарскиот гас во Европа преку Сирија и Туркије, што беше на дневен ред пред граѓанската војна во Сирија, и се оценува дека тоа сега може повторно да се најде на дневната агенда, посочувајќи дека Анкара никогаш нема да дозволи Израел да го загрози тоа.

Зборувајќи за можноста од воспоставување администрација блиска до Туркије во Сирија и обезбедување стабилност, во текстот се вели:

„Туркије, која ја прифаќа Сирија како стратешки приоритет, оваа област нема да му ја остави на Израел.“


- Поранешен амбасадор: Израел треба да воспостави контакт со Туркије наместо да влегува во конфликт

Во текстот, во кој се укажува на важноста за Анкара на потенцијалниот проект за гасовод што би го носел катарскиот природен гас до Туркије преку Сирија, а оттаму во Европа, поранешната израелска амбасадорка во Туркије, Амира Орон, го даде следниот коментар:

„Туркије игра клучна улога во стабилноста на Сирија. Израел добро би направил доколку се ангажира со Анкара за воспоставување дипломатски канали, наместо да ризикува воен конфликт“.

Истакнувајќи дека има некои земји во регионот кои се мислат дека целта на Израел е да ја распарчи Сирија, Орон го рече следното: „(Овие земји) Тие сметаат дека Туркије се обидува да одржи стабилна државна структура во Сирија“.


- „Израел нема стратегија за Сирија“

Во текстот се критикува Израел за неуспехот да одреди јасна политика кон Сирија, и покрај зголемените воздушни напади врз оваа земја, проширувањето на неговата окупација на терен и напорите да воспостави контакт со Друзите и другите малцинства.

Посочувајќи дека интервенциите на администрацијата на Тел Авив предводена од Бенјамин Нетанјаху во Сирија би можеле да предизвикаат неколку опасни сценарија како што се „зголемување на конфликтите со сириската администрација, вклучување во секташки конфликт, па дури и отворање на нов фронт со турската Армија“, во текстот се истакнува:

„Отворањето нов фронт во време кога постоечките фронтови (како Газа и Либан, каде што продолжуваат нападите на Израел) остануваат нерешени, претставува ризик што Израел не може да си го дозволи.“

По соборувањето на 61-годишниот режим на Баас во Сирија, енергетските актери во регионот повторно на дневен ред го вратија планот за гасоводот за природен гас Катар-Туркије, кој Сирија во 2009 година не дозволи да минува низ нејзина територија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın