Ahmed Asmar
24 Септември 2024•Ажурирај: 25 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Израел денес известува за нови ракетни напади од Хезболах, еден ден по смртоносните израелски воздушни напади врз Либан во кои загинаа речиси 500 лица, пренесува Анадолу.
Израелскиот Канал 12 соопшти дека 50 ракети биле лансирани од Либан кон населбата Кирјат Шмона во регионот Галилеја. Најмалку 10 ракети биле истрелани и врз северниот град Хаифа.
Неколку дома во Кирјат Шмона се оштетени од ракетниот напад, објави израелското армиско радио.
Израелската служба за брза помош Маген Дејвид Адом соопшти дека најмалку едно лице е полесно повредено од ракетниот напад врз регионот на Галилеја.
Хезболах, од своја страна, соопшти дека со проектили погодил неколку воени локации во Северен Израел, вклучително и два аеродрома и фабрика за експлозиви.
Групата истакна дека ракетните напади се за поддршка на „палестинскиот народ во Газа и неговиот храбар отпор“ и за одбрана на Либан.
Израел вчера изведе смртоносни воздушни напади врз Либан, при што загинаа најмалку 492 лица, меѓу кои 35 деца, повредени беа 1.645, а илјадници луѓе ги напуштија своите домови.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која од 7 октомври загинаа над 41.400 Палестинци, од кои мнозинството жени и деца.
Израелските сили ги интензивираа нападите врз Либан игнорирајќи ги предупредувањата на меѓународната заедница дека ризикуваат проширување на конфликтот од Газа во други региони.