Ekipa
06 Мај 2018•Ажурирај: 07 Мај 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската армија соопшти дека синоќа беспилотно летало гранатирало упориште на Хамас во северниот дел на Појасот Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека нападот бил извршен врз упориште кое наводно е користено за лансирање проектили кон Израел.
Нема извештаи за загинати и повредени во нападот.
Хамас во саботата го обвини Израел за експлозијата во централниот дел на Појасот Газа во која загинаа шест членови на групата, за што израелската страна негираше.
Илјадници Палестинци на границата на Појасот Газа петти петок по ред мирно протестираа одбележувајќи го Денот на земјата, со цел да се потсетат на 30 март 1976 година кога Израел од нив одзеде илјадници хектари земјиште.
Во текот на протестите досега загинаа 50 Палестинци, а над 7.000 беа повредени. Се планира протестите да продолжат до средината на мај.
Денот на земјата во Палестина се одбележува од 1976 година, и тоа е на некој начин симбол на отпорот на Палестинците, со кој ја изразуваат својата цел да си го вратат земјиштето, а воедно и да укажат на одговорноста на меѓународната заедница да ги заштити правата на палестинскиот народ, за формирањето независна палестинска држава и враќањето на палестинските бегалци во татковината.