Lina Altawell
18 Август 2026•Ажурирано: 18 Август 2026
Либанските медиуми денес јавија за нов бран израелски прекршувања на тековниот прекин на огнот, како и летови на воени авиони и беспилотни летала, артилериско гранатирање на југ и воен упад во близина на градот Шеба, пренесува Анадолу.
Израелски воени авиони летале на средна надморска височина над периферијата на Хермел во Источен Либан, додека израелски беспилотни летала летале на ниска надморска височина над јужните предградија на Бејрут, соопшти либанската Национална новинска агенција (ННА).
Во Јужен Либан израелските сили ја гранатирале периферијата на Мајдал Зун наутро со неколку артилериски гранати, соопшти агенцијата.
Израелски воени авиони, исто така, взори започнале воздушен напад врз градот Ал-Мансури во округот Тир, а израелските сили испукале митралески рафали кон периферијата на Хадата и Барачит во округот Бинт Џбеил, додаде ННА.
Засега нема информации за повредени.
Израелски воени сили со два тенка и воен булдожер, исто така, напредуваа во близина на градот Шеба во областа Ал-Бајадер и гранатираа неколку куќи во близина, јави дописникот на Анадолу.
Ова се случува и покрај тековниот прекин на огнот и рамковниот договор меѓу Либан и Израел, постигнат со посредство на САД, со кој се предвидува постепено повлекување на Израел од целата окупирана либанска територија во замена за распоредување на либанската армија таму и разоружување на вооружените групи.
Од 2 март во израелските напади врз Либан загинаа 4.346 лица, а повредени се 12.301, додека повеќе од еден милион луѓе се раселени, според либанските власти.